ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ - АЛАТКА ЗА УСПЕШНА КОМУНИКАЦИСКА СТРАТЕГИЈА

english

 


мапа на сајтот


повеќе за ТЕМАТСКИТЕ ОБУКИ >>

повеќе за МОДУЛИТЕ (КУРСЕВИ и СЕМИНАРИ) >>

повеќе за RELAX-програмата >>

Сè што правите или говорите е односи со јавност. Некои од нив се родени да бидат одлични, некои ја постигнале големината, а некои изнајмуваат стручни лица за односи со јавност.

Односи со јавност – дефинирање и разбирање

"ПР значи да се кажува вистината и да се работи етички - дури и кога сите медиуми сакаат насловна и сета јавност сака жртвен јарец. Односите со јавност се неуспех кога не постои интегритет." – Вив Сегал (Јужна Африка)

"Јавноста е единствениот критичар чие мислење воопшто нешто вреди." - Марк Твен

"Изработка на стратегија за односи со јавност на правилен начин, започнува со слушање, а не со зборување." - Леонард Сафир

Односите со јавноста се комуниколошка дисциплина, но се засноваат и на други научни дисциплини, како што се: реториката, јавното мислење, маркетингот, масовните медиуми и масовното комуницирање, новинарството, етиката, правото, економијата и некои нејзини дисциплини и др. Односите со јавноста како наука и искуство за создавање на општественото мнение во посакувана насока се третираат и од теоретски и од практичен аспект. ПР-от е неопходен, особено во услови на демократизација на општествениот живот.

Да дефинираме,

Односите со јавноста се функција на управување која воспоставува и одржува взаемно корисни односи меѓу организацијата и различната јавност од која зависи нејзиниот успех или неуспех.

Односи со јавност се посебна управувачка функција која придонесува во воспоставување и одржување взаемни канали на комуницирање, разбирање, прифаќање соработка меѓу организацијата и нејзините групи на јавност, опфаќа управување со проблемите или со важни прашања.

Мисијата на односите со јавност:

Мисијата на односите со јавноста е поглобална: взаемен однос на организацијата и нејзината публика врз база на взаемна доверба. Преку ПР-от како инструмент, се остварува желбата на организацијата да формира општествено корисна претстава, имиџ за себе.

Оттука,

Односите со јавноста можеме да ги сфатиме исто така и како „Менаџмент на репутација”. Всушност, ПР-от е сврзан со репутацијата - со резултатите од тоа што правиш, што кажуваш и што другите кажуваат за тебе. Практиката на ПР-от е дисциплина која се грижи за репутацијата со цел да потхранува разбирање и поткрепа, како и да влијае на мнението и на поведението”.

ПР луѓето водат сметка за промените во окружувањето и трендовите. Нивната цел е да се стекнат со сфаќања за општествената околина коишто можат точно да се протолкуваат и да се користат од страна на доминантната околина.

Освен скенирањето на околината, професионалците на односи со јавноста собираат информации за нивните публики и заинтересирани страни. Тие треба да бидат целосно свесни и да ги разбираат нивните ставови и однесување кон организацијата и тековните прашања, и да се свесни дека тие може да се менуваат со тек на времето, со одредени новонастанати последици.

Во ПР светот, битно место зазема имиџот!!!

Имиџ е сложено ментално или сетилно толкување, перцепција на некој или на нешто.

Пример за илустрација,

Во 1927 година американските жени беа запознати со концептот на имиџот и им беше кажано дека нивниот изглед го определува нивниот имиџ, начинот на кој другите луѓе ги перципираат нивните личности. Тие беа советувани да стекнат изглед осмислен да им биде поволен имиџ што ќе им биде материјално или општествено корисен. Тоа беше искрата која се „запали“. За да се има „вистински тип“ на имиџ стана потребно да се обраќа внимание на детали во облекувањето, шминката, и многу повеќе покрај тоа, на тој начин создавајќи желби како и потреби.

Дали имате изградено свој сопствен имиџ?

Но внимавајте!!!

Постои голема контроверзија во врска со имиџот.

Овој термин не смее да се користи премногу слободно. Доколку тоа се случи, постои можност да се доживее слика која воедно ќе биде неинтересна, непрецизна, површна.

Она што ја поткренува вредноста на внимателно изградениот имиџ е неговиот кредибилитет.

Суштина на ПР е иста без оглед на тоа дали тие се користат во политичката арена, на деловно или комерцијално поле, во општествените односи, во доброволните цели или во собирање помош во која било друга ситуација.

Сепак, методите и тактиките што се употребуваат и што се користат во различни ситуации значително се разликуваат.

Доколку сакаме да ја прикажеме стратегиската улога на односите со јавноста, истото можеме да го претставиме во пет можни толкувања или стратегии (5 П):

- План - свесно планирање на текот на акцијата.

- Проникливост - маневар со кој се надмудрува конкуренцијата.

- Постапка - посебен тек на акцијата насочен кон целта – се јавуваат два облика на стратегија: случајна и намерна.

- Позиција - средство со кое организацијата се лоцира во својата средина - стратегијата претставува посредничка сила меѓу организацијата и нејзината околина.

- Перспектива - стратегијата овде го претставува средството со кое организацијата се согледува однатре; начин на кој раководството го чувствува својот свет и конкурентното опкружување - општоприфатен рецепт за успех.

Јавност и јавно мислење

Ако говориме за односи со јавност, нивната структура, нивното влијание што го вршат во обликувањето на културата и свеста на публиката, тогаш неопходно е да говориме и за јавноста, јавното мислење, јавното информирање, јавната сфера и сл.

Дали знаете каде е вашата публика?

Што е јавност?

- Јавноста е облик на обелоденување, фрлање светлина врз тоа што се случува.

- Зборот „јавно’’ значи отворено и општо достапно.

- Атрибутот „јавно’’ најчесто се применува во смисла на „јавно мислење’’, односно „јавност која е добро информирана или која негодува’’

Јавноста, врз основа на вашето делување, формира соодветно јавно мислење.

Карактеристики на Јавното мислење:

- Има насока (за или против, позитивна или негативна)

- Има различно ниво на интензитет;

- Има различни степени на стабилност (некои ставови се подолго време, а други се менуваат по кусо време)

- Има различен начин на истражување (јавни демонстрации, критика преку медиумите и сл.)

- Има различна ширина на општествената основа (став и мислење на огромното мнозинство или само на значаен број членови на општеството)

Известувањето на јавноста ги опфаќа и следниве елементи:

- советодавни работи засновани на разбирање и човеково однесување;

- анализирање на идните моменти и предвидување на нивните ефекти;

- истражување на јавното мнение;

- спречување судири и недоразбирања;

- унапредување на заемно почитување и општествена одговорност;

- стекнување на угледот меѓу снабдувачите и потрошувачите;

- подобрување на стопанските односи;

- унапредување на производите и услугите;

- планирање на корпорацискиот идентитет.

Предизвик: Односи со јавност

За точна определба на односите со јавноста може да се искористи и формулата

R - A - C - E

Преку неа се прикажуваат четирите основни елементи:

1. Research - истражување - каков е проблемот?

2. Action and planning (дејство и планирање) - што треба да се направи за тоа?

3. Communiaciton (комуникација) - што треба да и се зборува на публиката?

4. Evaluation (оценка) - дали сме стигнале до аудиториумот и каков е ефектот?

Десет принципи на ПР

1. ПР-от е поврзан со реалноста, со фактите, а не со фикции.

2. ПР-от е професија каде што приоритетен е општествениот, а не личниот интерес (ПР значи служење на општествените, а не наличните интереси).

3. Пиарменот е должен да се обраќа кон публиката и од неа да бара поткрепа за програмите и за организациската политика, општествениот интерес треба да биде основниот критериум за избор на програмите и на политиката.

4. ПР-практикантот со посредство на масовните медиуми, кои претставуваат јавни канали за комуникација достигнува до многу публики, ПР -специјалистот е должен да се грижи за непречено дејствување на каналите за пренос на комуникацијата.

5. Пиармените се наоѓаат меѓу организацијата и нејзината публика и затоа треба да бидат ефективни комуникатори - да ги пренесуваат информациите во двете насоки.

6. За да дејствуваат во двонасочна комуникација и за да бидат одговорни комуникатори, специјалистите по ПР треба широко да ги користат научните методи за изучување на јавното мнение.

7. За да се разберат проблемите и да се најдат најдобрите патишта за излез од нив, специјалистите по ПР треба да се надеваат само на исклучителна интуиција, треба да ги користат изворите на такви социјални науки, како што се: психологијата, социологијата, социјалната психологија и да ги користат постојните методи за изучување на јавното мнение, процесите на комуникацијата и семантиката.

8. ПР-специјалистите треба постојано да ги вклучуваат и да ги адаптираат постигнувањата на другите научни теории и на другите дисциплини, како што се: психологија, социологија, политикологија, економија и историја (сферата на ПР бара трансдисциплинарен приод).

9. Специјалистите по ПР се должни на публиката да & ги разјаснуваат проблемите уште пред да се претворат во кризи. Тие треба претходно да предупредуваат и да даваат совети за луѓето да не бидат изненадени.

10. ПР-специјалистот треба да се оценува само со еден стандард - етиката на поведението. (Пијарменот е толку добар колку што заслужува репутација).

Функции на односи со јавност-

- „Контрола’’ над мнението и поведението на публиката.

- Реакција на публиката

- Постигнување на заемно поволни односи меѓу организацијата и заинтересираната внатрешна и надворешна публика

Основни видови на односи со јавноста се:

- Односи со медиумите - кога говориме за оваа синтагма секогаш се мисли на односите со печатот, но таа се однесува и на другите медиуми, како што се: телетекстот и другите системи кои се засноваат на екрани.

- Комуникации со вработените - вработените се значајна целна група за секоја организација без оглед на нејзината активност

- Односи со инвеститорите

- Односи со политиката

- Корпоративниот идентитет

- Спонзорството

- Односи со заедницата

- Односи со клиентите

Методи на работа на односите со јавноста

Главни методи на работа се:

- Известувања за печатот или медиумите.

- Историјат или студии - приказни.

- Прикази.

- Огласници.

- Уреднички интервјуа.

- Поддршка на печатот на некој настан.

- Известувања на аналитичарите.

- Финансиски извештаи - најважниот услов за компанијата за која јавно се зборува.

- Политичко лобирање.

- Циркулари и публикации.

- Видео и филм.

- Конференции и семинари.

- Лансирање производи.

- Специјални настани.

- Промотивни предмети.

- Корпоративен имиџ.

Катерина Вељановска

Информативно издание на
КОСМО Иновативен Центар.
Месечно ве информираме за нови иновативни бизнис-решенија
и активности кои ги објавуваме јавно како КОСМО ПРЕГЛЕД.

пријавете се... бидете во тек...

архива >>

ПАРТНЕРИ

почетна      услуги      обуки      производи      референци      работа      за нас      контакт

 
 © 2003 КОСМО Иновативен Центар. Сите права задржани.